Виолета Богдановска - пионерка меѓу жените во полицијата

Најдобра во класата на првата генерација полицајки во Македонија, прва жена инспекторка за малолетничка деликвенција во Куманово,  прва жена инспекторка за одбранбени подготовки во државата, началничка на Секторот за превенција, се само дел од достигнувањата во професионалната кариера на Виолета Богдановска (56) од Куманово, која од минатата година е во пензија. Особено во локалната средина Богдановска ќе стане препознатлива по успешното справување со професионалните предизвици и нејзината упорност за рамноправно место на жените во полицијата во Секторот за внатрешни работи СВР Куманово, но и по борбата против  предрасудите во општеството, како и кон самохраните родители и разведените жени.  Во време кога требало да ја избира својата професија, кон крајот на 80-тите години жените не се вработувале  ниту во армијата, ниту во полицијата, па, иако секогаш, како што вели “ја привлекувала униформата“ мислела дека ќе се занимава со правото или книжевноста. Меѓутоа по завршување на средното економско училиште, можноста да се бави со професија која повеќе ја сака, ја видела во насоката за општонародна одбрана и општествена самозаштита на Филозофскиот факултет во Скопје, сега групата за Мир и безбедност на истиот факултет. Студиите ги завршила во рок со голема волја и мерак , а особено и бил интересен практичниот дел, што го поминала во Сараево.  На првиот конкурс за жени во полиција во, како што вели, “најмрачниот период на транзицијата, кога интелектуалци, образовани луѓе остануваа без работа“, во 1992  години се пријавила со средно образование, иако била дипломирана.

Смотрите также