Сайт использует сервис веб-аналитики Яндекс Метрика с помощью технологии «cookie». Пользуясь сайтом, вы даете согласие на использование данной технологии.
Можат ли македонските археолошки локалитети да привлечат повеќе туристи и повеќе да заработат?
Поразителна статистика: Локалитетот Стоби е атрактивен за странците, но не и за македонските граѓани. Во септември Стоби го посетиле 2.497 лица. Од нив само 322 биле македонски граѓани. Без организираните посети од училиштата, бројот на домашни посетители би бил драстично помал. Автор Тоше Огњанов *** Стоби не е само тоа што сега го гледате. Тоа е површина од 27 хектари под чија земја сè уште стојат одговори за еден цивилизациски напредок. Така објаснува директорот на Археолошкиот локалитет „Стоби“, Спасе Перовски. „Јас во една прилика кажав дека Стоби е златната белегзија на Македонија. Тоа и навистина е така. Ние имаме површина од 27 хектари затворена со жица, а во чијашто земја лежи неверојатно богатство“, вели Перовски. Но, прашањето што се отвора е дали и колку македонските локалитети се доволно финансиски моќни да станат самоодржливи и да привлечат повеќе посетители. „Стоби е капацитет, има капацитет да го прошири просторот околу себе. Но, се разбира дека не може сам. Сепак, мислам дека секој треба да се вклучи во целата постапка, како државата, така и туристичките агенции во Македонија. Секако и Министерство за култура и туризам, чие ново име практично е показател дека тие два аспекта, културата и туризмот мора да си помагаат еден со друг за да имаме бенефиции“, смета Перовски. Според податоците од управата на Стоби, во екот на пандемијата речиси и да немале гости. Но, во 2022 година локалитетот го посетиле околу 8.000 лица. Лани, таа бројка стигнала нешто над 20.000. Годинава, пак, до септември, во Стоби влегле над 15.000 луѓе. Повеќето од нив Американци, Французи, Холанѓани, како и Германци. „На патување сме назад кон Германија и го видовме локалитетот додека поминувавме од тука. Ни изгледаше интересно и застанавме да го посетиме“, велат Леон и Анина, германски туристи кои ги сретнавме во Стоби. Во моментот додека престојувавме на локалитетот, домашни и странски археолози и конзерватори работеа врз објектот Теодосијанска палата. „Целиот овој комплекс, целата оваа палата, која што е богата со мозаици во речиси секоја просторија, ја прави посебна. Прекрасно украсена. Луѓето што се занимаваат со оваа област, конзервација и истражување, можат да замислат како изгледал овој објект кога бил целосен во тоа време, со сите овие столбови, со сите украси, со сите скулптури коишто биле наоколу“, вели Томе Филов, конзерватор кого го сретнавме среде работа. Овие лица се посветени да го истражат археолошкото наследство, но тоа што им недостасува е нов стручен кадар. „Доколку се следат сите конзерваторски нормативи и пракси, тогаш не е тешко. Ни требаат нормално само финансии, ни треба поддршка. Но, да бидам искрен, ни требаат и луѓе. Мислам дека со кадар сме малку послаби. Не зборувам само за установата, туку на државно ниво може да кажам дека има недостаток од стручен кадар“, додава Филов. Археолошките локалитети на светско ниво се покажуваат и како сериозен извор за финансии. Како пример, влезница во античкиот театар во Епидаурус, Грција, за возрасни лица чини 12 евра. Во ек на туристичка сезона локалитетот го посетуваат по неколку илјади лица дневно. Влезница три евра - најмногу посети во мај, 4.000 За споредба, влезницата во Стоби за возрасни лица е три евра. Најмногу посетители имало во мај годинава. Тогаш во локалитетот влегле околу 4.000 лица вкупно. Најголем број од нив биле ученици и студенти. Цените за нив, очекувано, се значително пониски. „Да ја земеме како пример 2023 година. Ако сме имале 20.555 туристи, тогаш тоа значи дека во просек сме заработиле околу 10.000 евра, што не се многу пари. Тоа стварно не се многу пари, но за сиромашни како нас 10.000 евра се доволно пари за да финансираме дополнителни проекти во Стоби“, истакнува директорот Перовски. Таа сума е далеку од доволна за самоодржливост. „Не може да биде профитабилен локалитетот. Апсолутно, ниту еден локалитет во светот. Помпеја земете ја за пример, каде што годишно милиони туристи, не може да биде профитабилна само со тој тел. Големи се трошоците“, смета Перовски. *** Гласот на Америка е најголемата американска меѓународна мултимедијална новинска организација, што нуди содржини на повеќе од 45 јазици за публика што нема, или има ограничен пристап до слободни информации. Уредничката независност на Гласот на Америка се гарантира со закони што ги штитат новинарите од влијание, притисок, или одмазда од владини претставници или политичари. Нашите содржини се целосно достапни на следните платформи: WEB: Facebook: / glasnaamerika Instagram: / glasnaamerika YouTube: / voamacedonian X: / glasnaamerika