Татко забременил ќерка во Кичевско

Шок во селото Лисичани. Ќерката е во осмиот месец од бременоста, а таткото е во бегство КИЧЕВО -- Шокантен случај на инцест во селото Лисичани, општина Пласница. Татко ја забременил 16-годишната ќерка, која е лице со посебни потреби. Бременоста во осмиот месец ја откриле наставниците од посебното основно училиште „Климент Охридски" во струмичко Ново Село, каде што девојчето учело и престојувало за време на учебната година. Според нејзината изјава во полиција, таткото веројатно повеќепати извршил обесчестување и врз помалата ќерка. Таткото Б.В. (48) по обелоденувањето на случајот, веднаш го напуштил селото и избегал во непознат правец. Полицијата трага по македонскиот Фрицл. Девојчето, кое е лице со посебни потреби, се школувало и престојувало најголемиот дел од годината во специјалното училиште во струмичко Ново Село. За време на летото, пак, девојчето со своите родители и помалата сестра живеело во селото Лисичани. Во својот дом престојувала и за време на зимскиот распуст, кога како што тврдело во изјавата во полицијата, повторно повеќепати било силувано од страна на својот татко. Наставниците неодамна го забележале големиот стомак на девојчето, по што сомневајќи се дека е бремено, ја алармирале полицијата. Бременоста на шеснаесетгодишното девојче ја потврдил и гинеколог во Медицинскиот центар во Струмица. „Според првичните сознанија на полицијата и според исказот на малолетното девојче, бременоста, најверојатно, се случила во периодот по завршувањето на учебната 2007-2008 година, односно за време на летниот распуст", истакна вчера портпаролката на СВР - Струмица Хризантема Рендевска. Девојчето изјавило дека било дома летото, а и за време на зимскиот распуст годинава. Според исказот на малолетничката, можно е таткото да е и извршител на вакво дело и над нејзината помала сестра. Овие искази на бременото девојче се' уште ги проверува полицијата, која поднесе кривична пријава против таткото за родосквернавење. Во посебното основно училиште „Климент Охридски", каде што се школуваат деца со лесна и умерена попреченост во психичкиот развој, вчера не сакаа да го коментираат овој случај, бидејќи делото не се случило во нивното училиште. Молк и шокираност и во селото Лисичани, каде што никој не сака да коментира за случајот. Неофицијално, девојчето е згрижено во специјална установа се' до породувањето, по што, најверојатно, ќе биде направена ДНК-анализи за да се потврди татковството. (Е.П.)30.01.2009, 17:42

Смотрите также