Сайт использует сервис веб-аналитики Яндекс Метрика с помощью технологии «cookie». Пользуясь сайтом, вы даете согласие на использование данной технологии.
Започна академската година за 1500 нови и 8000 актуелни студенти на УГД
Со првиот академски час, Универзитетот „Гоце Делчев“ ја започна новата академска година , 2025/26. Од она што беше кажано на свеченоста на првиот ден, УГД на студентите им ветува добивање на знаења кои ќе им помогнат во нивната кариера во животот, а истовремено и зголемена мобилност, преку која ќе можат и да посетат квалитетни европски универзитети, дел од своето студирање да поминат и таму и да ги збогатат своите знаења и искуства. На сево ова акцент стави и ректорот проф. Д-р Дејан Мираковски во своето обраќање: -Денес ја почнуваме новата студиска година за над 1500 бруцоши и над 8000 студенти на сите три циклуси на студирање на УГД. Ова е можност нашите студенти, кои го избраа Универзитетот „Гоце Делчев“ , да учат од најмодерни дигитални библиотеки, во најмодерни лаборатории, да бидат дел од меѓународни размени, да добијат европска диплома овде кај нас , да бидат подготвени за тоа што ги чека во иднината. Ми претставува посебна чест што не бираат во првиот уписен рок, во првиот рок добивме над 90 % од студентите, што значи дека УГД станува прв и препознатлив избор за високото образование. Им посакувам многу успех во учењето , да бидат свои, да бидат истрајни, и се надевам дека универзитетот заедно со сите професори и вработени ќе им биде поддршка во патот кој ги очекува. Сигурен сум дека квалитетот на образованието кој го нуди универзитетот „Гоце Делчев“ ќе им овозможи успешна иднина и им посакувам многу успех и во образованието и во идните професии кои ги избрале. На прашањето што според него ќе ја одбележи оваа академска година на УГД, ректорот Мираковски рече: Искрено, универзитетот пред се преку зачленувањето во Европската универзитетска алијанса овозможува многу висок степен на мобилност, усогласен со матичните професии, така што тоа на студентите ќе им отвори многу поголем достап до европските универзитети, до формите на образование кои ги нудат универзитетите партнери во Алијансата. Дополнително правиме сериозен исчекор и во квалитетот на лабораториските ресурси, на научниот потенцијал кој што се нуди на сегашните и на идните студенти, така што сигурен сум дека оваа година студентите ќе почувствуваат навистина многу повисок степен пред се на мобилност и на квалитетот на настава кој го нуди универзитетот. Карактеристично е што многу од услугите кои ги нуди универзитетот , вклучително и Еразмус мобилноста се целосно дигитализирани, така што овојпат ќе може од пријавување до полагање на испити да одат преку една постапка еразмус без хартија , за што и нашиот УГД е меѓу триесетте универзитети прогласени од Европската комисија како шампиони за овие мобилности. Така, овие новитети ќе им овозможат на студентите многу поголем достап до квалитетно образование кое ќе им понуди знаења за идните професии кои ги избрале.