Сайт использует сервис веб-аналитики Яндекс Метрика с помощью технологии «cookie». Пользуясь сайтом, вы даете согласие на использование данной технологии.
Тргнуваат на полноќ: Ратевските бамбурци одржуваат обичај стар 600 години
Точно на полноќ во ноќта на Водици, млади мажи собрани во стари и напуштени куќи ставаат на себе грамадни маски, рачно направени од природни животински кожи. Тоа се бамбурците од беровското село Ратево. После полноќ излегуваат од куќите и симболично, со запалени факли и со својот застрашувачки изглед, ги бркаат болестите од селото. Така изгледа паганскиот обичај бамбурци во Ратево, за кој се претпоставува дека постои околу шест века. „Според легендите, во селото имало тешка болест, чума. Жителите на селото ненадејно умирале. Луѓето барале лек од болеста. Во таква ситуација, после Водици, почнале да се маскираат во тие кожи од животинско потекло. Почнале да се маскираат и се нашол лек од болеста. Тие мислеле дека со тоа ги истерале од селото злото и лошите духови“, објаснува Драган Аговски, претседател на здружението „Ратевски бамбурци“ преку кое жителите од селото ја продолжуваат традицијата. Уникатноста на обичајот е што секој главен детал од маската е со природно потекло, односно од сошиени животински кожи. Тие се посолуваат, се става пепел и се сушат на места каде има провев. „Кожата се става во крупна сол и се внесува во вреќа, за да се суши. Потоа, на лето, се закачува повисоко и на сонце, за да може да се суши кожата, да може да се шие и да се направи ова прекрасно одело“, ни објасни 20-годишниот Марио Гоцевски од селото Ратево. Новинар: Тоше Огњанов