Сайт использует сервис веб-аналитики Яндекс Метрика с помощью технологии «cookie». Пользуясь сайтом, вы даете согласие на использование данной технологии.
Сите денови со коишто е украсена Светата Четириесетница му даваат неопислива длабочина на Великиот Пост. Но, ниеден од нив не зрачи со тој таинствен спокој како Великата и Свештена Сабота. Ова е ден на покој. Исто како што Бог, при првобитното создавање на светот и човекот, во седмиот ден одмори од сите Свои дела, така и сега, во ова пресоздавање на целото човештво, а откако го заврши делото на искупувањето принесувајќи се Себеси на Крст и смрт, во седмиот ден отпочинува, заспива со животодавен и спасителен сон. Со смртта, во рацете на Неговиот Отец Го предава Своето живоносно тело и крвта Негова, излеана за наше избавување. Денес, Словото Божјо со телото во гроб слегува, слегува и во адот со Својата душа Божествена. Но, о големо чудо! Во исто време Он е и со разбојникот во Рајот, на престолот Небесен. Зашто Он е Бог неопислив и неограничен. Ама зад гробот, таму каде што човечкото око не може да продре, каде што мнозина, според својата слабост, мислат дека завршува сѐ, всушност продолжува животот – зашто Он дејствува во сила и слава. Сега адот се збунува, се разорува, ја чувствува надмоќната сила на Победителот Господ, и поразен, сфаќа дека ќе мора да ги ослободи сите кои уште од века ги беше проголтал. Да, Христос без милост адот го разорува.