Животиште - портрет за Владо Цветановски

„Животиште“ - документарен филм кој зборува за претставите во Битолскиот театар на Владо Цветановски, но и за него како човек, режисер, пријател, театарџија и заљубеник во се што е убаво. Во огромната плејада на творци кои своето творештво го поврзале за естетскиот стожер на Битола, македонскиот град на светлината, се вбројуваат уметници со разновиден креативен сензибилитет, кои со својата раскошна фантазија оставиле уникатен жиг врз дамарите на нашето македонско па и светско постоење. Битола во своето богато портфолио меѓу „своите“ уметници го вбројува и човекот кому му го посветуваме овој театарски епитаф, режисерот Владе Цветановски кој со својата лиценца поетика на своевидна театарска авант-гард-појава остави неизблишлива трага во најголемиот Амфитеатрум флавиум, животиштето како што тој самиот го именуваше човековиот престој на земјата. Кога ќе ме прашаат она клише прашање како го засака театарот, и немам некој конкретен одговор. Само знам дека првиот поим за театар за мене беше Битолскиот театар. Првите слики врежани во мојата меморија се поврзани со претставите кои татко ми, Владо Цветановски ги создаваше во театарот. Летот на Соколот кој во клунот го носеше старецот од Подземна република, магичниот амбиент во кој се играше премиерата на Безбог на Канео во Охрид, Сцените со ритмичко месење во Нотр Фам кои уште ми одѕвонуваат во главата, мирисот на портокалите и монологот на Соња Михајлова во Домот на Бернарда Алба, мистичните крстови од јажиња и стамената појава на Петар Мирчевски како Воланд во Мајсторот и Маргарита, визуелните извори кои бликаат во Евангелие по сенките, претстава чија основа се ремек дела од светското сликарство вткаени во богомилската митологија, колажот од најбитните сцени од Чехов составени во еден магичен мозаик во Третиот чин, падот на Бошко Бозаџиевски како Александар Симсар во Осмото Светско Чудо, најточниот кастинг на светот за Дон Кихот и Санчо Панса во бравурозните креации на Кирил Ристоски и Петар Мирчевски во претставата Дон Кихот од Ла Манча. Тие слики остануваат врежани во мојата меморија како вивидни слики на кои и ден денес се сеќавам. Кога пораснав и кога ги гледав снимките од старите претстави на Битолски театар ја разбрав големината на тие претстави, но никогаш нема да го надмине она исконско чувство како овие слики што блескаат во мојата меморија. Претставите кои беа создавани во битолскиот театар а беа сврзани со мојата фамилијарна историја, не само што остануваат врежани, туку и на она основно ниво го одредија мојот пат во оваа професија и ја одредија мојата одлука и за мене театарот да стане мојот животен пат. Затоа се осмеливме да направиме документарен филм кој зборува за претставите во Битолскиот театар на Владо Цветановски, но и за него како човек, режисер, пријател, театарџија и заљубеник во се што е убаво. Андреј Цветановски - режисер Режија : Андреј Цветановски Монтажа : Сергеј Светозарев Директор на фотографија : Димитар Колонџоски Композитор : Димитар Андоновски Дизајн на тон : Александар Димовски Наратор : Дамјан Цветановски

Смотрите также